Османи: Приштина учествува во дијалогот само заради меѓусебно признавање

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Претседателот на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Косово ќе учествува во дијалогот со Србија само поради постигнување договор и взаемно признавање, пренесува „Економија онлајн“.

Османи, која учествуваше на дискусија преку Интернет организирана од Атлантскиот совет, рече дека Србија, покрај меѓусебното признавање, треба да ги отвори своите архиви за враќање на исчезнатите.

„Косово е подготвено да оди на разговори со цел да се постигне заеднички договор кој ќе се фокусира на меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија. Мислам дека тоа ќе зависи од тоа како се однесува Србија во дијалогот и што навистина мисли за нејзиното членство во ЕУ – бидејќи воено и економски соработува со Русија“, рече Османи.

„Како претседател на Косово, мислам дека мултиетничките вредности се применуваат во сите сфери во земјата и јас сум горда на тоа. Време е Србија да одлучи што сака. Косово секогаш покажуваше конструктивност и ние подадовме рака за соработка“, рече Османи.

Таа посочи дека Косово е подготвено да седне на преговарачката маса, иако Србија никогаш не се извинила.

„Отсекогаш сме биле добри соседи“, рече Османи.

Таа посочи дека членството на Косово во Интерпол и НАТО е еден од најважните приоритети во борбата против организираниот криминал што ги надминува локалните рамки.

„КБС, нашата армија, станува многу попрофесионална со поддршка на НАТО и целосно во согласност со стандардите на НАТО. КБС неодамна учествуваше во вежбата на НАТО „Бранител на Европа 21“, потсети Османи, пренесе „Косово Онлајн“.