На денешната прес конференција, министерот за надворешни работи, Бујар Османи посочи дека ќе се продолжи комуникацијата со Владата во Софија и со другите земји членки на ЕУ, во врска со надминување на разликите со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ.
Исто така, на новинарско прашање за координацијата на владиниот тим задолжен за евроинтеграцијата во врска со идните чекори и насоките по кои ќе продолжат преговорите со соседна Бугарија, Османи рече дека координацијата со премиерот и со сите чинители во земјава уште во првите денови од годинава, се праќа порака дека македонската страна сака решение и оти за прашањето на ЕУ нема да изгубиме ниту еден ден, независно од разочарувањето кое го имавме со исходот во декември.
„Ние мора да продолжиме. И секој ден да го гледаме како можност за надминување на разликите и за одење напред во процесот. Го разгледавме календарот, ги разгледавме начините како новите констелации ќе влијаат на исходот, тоа што е јасно и е договорено дека продолжуваме со комуникација и со земјите членки и со Република Бугарија во обид да ги надминеме разликите“, посочи Османи.
Османи очекува уште денеска да се воспостави таа комуникација и што побрзо да добиеме одговор на нашите предлози.
„Сега е време да се добие одговор затоа што е почеток на годината и затоа што треба да се утврдат акциските планови на комуникација на линиските министерства и што побрзо стигне тој одговор, кој може да биде основа за усогласен акциски план со цел да почнат линиските министерства веднаш со имплементцаија на тоа што го има во акциксиот план. Јас се надевам дека брзо во наредните денови ќе има одговор на тој акциски план“, посочи министерот.
Шефот на дипломатијата на денешната прес-конференција информира и дека е поднесено барање до Владата за отворање ново дипломатско конзуларно претставништво во Братислава, Словачка.
„Односите помеѓу нашите две држави се позитивни, се развиваат во позитивна динамика и има потреба да се отвори ново ДКП во Братислава, кое досега се покрива од ДКП во Виена“, посочи Османи.