Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека членството на Косово во Советот на Европа ќе им овозможи на членовите на семејствата на исчезнатите пристап до Европскиот суд за човекови права, што значи дека би можеле да ја тужат Србија, пренесува „Klan Kosova“.
„По влегувањето во Советот на Европа, семејствата ќе имаат пристап до Европскиот суд за човекови права за да ја тужат Србија за кршење на правото на живот на нивните најблиски, за кршење на правото на човечко достоинство и други права на кои членовите на семејството имаат право“, рекла Османи.
Затоа, вели, императив е процесот за членство да биде успешен.
„Членството во Советот на Европа е од корист за сите наши граѓани, особено за семејствата на кои 25 години им била ускратена правдата“, додала Османи.
Мнозинството пратеници на Парламентарното собрание на Советот на Европа на пленарната седница во Стразбур на 16 април го поддржа членството на Косово во оваа организација посветена на човековите права и развојот на демократијата.
Сега останува на министрите за надворешни работи на Советот на Европа да одлучат дали ќе го прифатат Косово како најнова членка на организацијата или не.
Следниот состанок на Советот на министри ќе се одржи во средината на мај. Советот на министри за надворешни работи на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, традиционално во мај.