Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изрази задоволство од долгорочното партнерство до Обединетото Кралство во изминатите 27 години, по остварениот телефонски разговор со министерката за Европско соседство и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон. Истата соработка, Османи ја потенцираше како динамичен политички дијалог и силна развиена економска и секторска соработка.
„Претставува навистина импозантен факт што Обединетото Кралство во моментов претставува втор трговски партнер на Република Северна Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во земјава“, истакнал Османи, укажувајќи на важноста на новиот Договор за партнерство, трговија и соработка кој обезбедува непречена транзиција на севкупните економски односи меѓу двете земји и по формално напуштање на Обединетото Кралство на Европската Унија.
Министерот посочи дека со потпишување на овој договор, се обезбедува предвидлива околина за бизнисите, кои пак, имаат воспоставено економски релации меѓу двете земји, исто како и солидните услови за уште поголем развој на економската соработка меѓу двете земји.
Исто така тематски било отворено и партнерството во рамки на НАТО, за кое соговорниците се согласни дека продолжува во континуитет. Министерот Османи посочил и дека од круцијално значење е силната британска поддршка која ја добива нашата Армија во функција на заедничко придонесување кон регионалната стабилност и глобалната безбедност.
Министерката Мортон пак, посочува дека С.Македонија успеала во изминатиот период да преземе храбри одлуки и да постигне исклучителни резултати, што, како што рекла, резултирало со официјализација на членството во Алијансата. Таа изразила уверување дека наскоро ќе се надминат и предизвиците поврзани со билатералните прашања и ќе биде усвоена Преговарачката рамка за отпочнување на ЕУ пристапните преговори со С.Македонија.