Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денес преку Фејсбук го прокоментира францускиот предлог и објасни зошто тој морал да биде одбиен од Владата. Според него, француското претседателство било многу внимателно при срочувањето на текстот внимавајќи на сензитивностите на двете страни и затоа прашањата кои не биле прифатливи за нас ги ставило како недефинирани предлози (во заграда) за да потенцира дека тие се прашања кои не се решени.
-Оттука ние само можеме да се заблагодариме на Француското претседателство, но моравме да го одбиеме нивниот предлог во ваква форма, токму поради деловите во него за кои бугарската страна без никаква аргументација не покажа разбирање, објаснува Османи.
Министерот додава дека постои разлика во зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот „отворање“ во параграф шест од заклучоците на советот.
-И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија туку се ставени (дел од нив и во заграда) како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија. Усвојувањето денес на резолуцијата во бугарскиот Парламент, во која се потенцираат токму овие две прашања ќе го блокира долгорочно европскиот процес, и воедно ќе ги парализира инструментите од Договорот за пријателство на долг рок.