Османи во Њујорк оствари средба со естонскиот колега Цахна

од Radmila Tasevska
141 прегледи

Во рамки на 78. заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил средба со неговиот естонски колега, Маргус Цахна.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, Османи ги поздравил „одличните билатерални односи што постојат меѓу двете пријателски земји, заблагодарувајќи се за недвосмислената и гласна естонска поддршка за пристапните преговори на нашата држава со Европската Унија“.

Воедно, тој ја повторил нашата подготвеност за имплементација на естонското искуство во областа на дигитализацијата во Северна Македонија.

– Постои нов импулс во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, за што е потребна акција и од страна на ЕУ и од страна на државите од регионот: Европската Унија да обезбеди повеќе конкретни придобивки уште во текот на процесот на пристапување, а земјите од регионот на Западен Балкан да преземат решителни активности во спроведувањето на реформската агенда и усвојувањето на стандардите на ЕУ, предочил Османи.

Цахна истакнал дека Естонија високо го цени придонесот на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ кон стабилноста и просперитетот на целиот регион на ОБСЕ.

– Двајцата соговорници нагласија дека партнерството меѓу двете земји на безбедносен план и заложбата за што поскоро постигнување мир на европско тло, дополнително се зацврстува во рамките на НАТО алијансата. Воедно, ја нагласија неопходноста од натамошен засилен развој на меѓусебната трговска соработка, пишува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Слични содржини