Лага е дека историските прашања, билатералните прашања се влезени во францускиот предлог различно од кои било други предлози, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Во делот на одредниците односно патоказот, министерот објаснува дека делот за човекови и малцински права „во францускиот предлог само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план”.
„Повторно е истата содржина во која што вели: ‘Северна Македонија низ инклузивен процес ќе подготви акциски план наменет за заштита на правата на лицата коишто припаѓаат на малцинствата и заедниците, вклучувајќи го полето на недискриминација, борба против говор на омраза, образование – се мисли на образование на право, не се шпекулира дека се тоа историски прашања, како и ефективни мерки за идентификување на одговорни институции коишто тоа ќе го гарантираат’. Тоа е во нашиот акциски план за малцински права“, нагласи Османи.
Според него, ова е единственото билатерално прашање внесено во рамката.
„Замислете каква хистерија се создаде дека во рамката во францускиот предлог има некои механизми, значи сѐ што има во овој предлог прво беше место Договор за добрососедство, Договор за добрососедство и негова имплементација што е апсолутно исто и второ, акцискиот план за човекови права е спуштен од еден параграф во друг параграф. И се манипулира јавноста дека ова е предавство, дека тука има нешто ново.Тоа што е ново е дека во оваа рамка македонскиот јазик е како и сите јазици под ист статус во ЕУ и дека се само овие две прашања коишто повеќе создаваат впечаток дека е нешто ново направено за да се создаде впечаток за компромис се надевам дека ова нема да штети во Бугарија, меѓутоа јас тие ќе ги бранам овие позиции секогаш, ништо друго нема. Ништо друго нема“, рече Османи.