Жанг Јиминг, основачот на ByteDance, е на врвот на листата на најбогати луѓе во Кина, според Институтот за истражување Hurun.
Институтот, кој ја објавува годишната листа на најбогати во Кина откри дека вкупното богатство на претприемачите на листата оваа година изнесува 2,8 трилиони евра, што е за 10 отсто помалку од претходната година.
Бројот на милијардери врз основа на нивната нето вредност во американски долари, исто така, се намали за 142, на 753. Од 2021 година, Hurun броел 1.185 милијардери. Нивниот број е во опаѓање трета година по ред, поради проблемите на кинеската економија и берзата на капитал.
Жанг од ByteDance оваа година за прв пат излезе на врвот, со нето вредност од 45,6 милијарди евра. Тој е првиот човек роден во текот на 1980-тите кој ја предводи листата на Hurun.
ByteDance, матичната компанија на популарните платформи за кратки видеа Douyin и TikTok, забележа раст на приходите до 101,8 милијарди евра минатата година.
Магнатот за флаширана вода, Жонг Шаншан падна на второто место, со 44,3 милијарди евра, откако неговиот бренд Nongfu Spring се соочи со остри критики во февруари, кога потрошувачите ја обвинија за нелојалност кон Кина поради дизајнот на нејзините шишиња. Реакцијата избриша милијарди од пазарната вредност на Nongfu Spring..
На трето место е основачот на Tencent, Пони Ма со нето вредност од 41,1 милијарди евра, благодарение на зголемувањето на приходите на неговата компанија.
Овогодинешната листа на богати во Кина имаше само 54 нови имиња додадени на листата, што е најниска бројка во последните две децении. Меѓу новодојденците се Чарлвин Мао и Миранда Ку Фанг, основачи на Xiaohongshu, социјална мрежа и платформа за начин на живот популарна меѓу младите, пишува EuroNews.