Биткоин би можел да достигне вредност од 250.000 долари веќе до крајот на оваа година, според Чарлс Хоскинсон, основачот на блокчејнот „Кардано“ и еден од пионерите во криптоиндустријата, во интервју за CNBC. Тој вели дека големите технолошки играчи како Мајкрософт и Епл, кои влегуваат во криптосферата, би можеле да бидат клучни катализатори за тој раст.
Пазарите на крипто беа под притисок поради распродажбата на ризичните средства, предизвикани од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за голем број земји.
Минатата недела биткоинот падна под 77.000 долари, но во средата скокна над 82.000 долари откако Трамп привремено ги намали тарифите на 10 отсто за повеќето земји, оставајќи простор за трговски преговори.
Сепак, биткоинот е сè уште далеку под рекордното ниво од јануари, кога надмина 100.000 долари. И покрај ова, многумина во индустријата остануваат крајно оптимисти.
„Верувам дека биткоинот ќе достигне 250.000 долари до крајот на оваа или следната година“, изјави Хоскинсон за CNBC за време на снимањето на поткастот Beyond The Valley.
„Трговската војна ќе стивне, а пазарот ќе најде нова рамнотежа“
Хоскинсон верува дека трговските тензии на крајот ќе стивнат и пазарите ќе ги стабилизираат очекувањата:
„Целата работа со тарифите ќе биде неуспешна. Луѓето ќе сфатат дека светот сака да преговара и дека навистина се работи за САД наспроти Кина. Некои ќе бидат со нас, некои ќе бидат со Кина“, рече Хоскинсон.
„Пазарите малку ќе се смират, ќе се навикнат на новата нормала, а потоа американската централна банка ќе ги намали каматните стапки“, додаде тој.
Тој ги даде овие коментари пред Трамп да објави привремено повлекување на повеќето царини.
Зошто Хоскинсон верува во подемот на биткоинот?
Хоскинсон издвои неколку клучни причини кои би можеле да ја поттикнат цената на биткоинот:
Повеќе корисници на криптовалути – според податоците од берзата Crypto.com, бројот на сопственици на криптовалути се зголемил за 13 проценти во 2024 година, достигнувајќи 659 милиони луѓе.
Геополитичка нестабилност – Хоскинсон смета дека светот се оддалечува од „поредокот заснован на правила“ и влегува во период на конфликт на големите сили.
Регулативата за „stablecoin“ (стабилни монети) и законодавната рамка за дигитални средства, во САД, во моментов се во законодавен процес за два нацрт-закони: Законот за Stablecoin и Законот за структура на пазарот на дигитални средства и заштита на инвеститорите. И двете, според Хоскинсон, би можеле да предизвикаат нов бран на раст.
„Ако Русија сака да ја нападне Украина, ќе ја нападне. Ако Кина сака да го нападне Тајван, тоа ќе го направи. Во таков свет, договорите и глобалната трговија не функционираат добро. Криптовалутите се единствената вистинска алатка за глобализација во таква средина“, порача тој
„Величествените 7“ и улогата на „стабилните монети“
Хоскинсон верува дека новите закони за стабилни монети ќе привлечат големи технолошки компании, т.н. „Величествениот 7“, вклучувајќи ги Епл, Мајкрософт и Амазон, би можеле да почнат да им плаќаат на работниците со стабилни монети или да ги користат за мали трансакции на нивните платформи.
Стабилкоините се криптовалути врзани за фиат валути, што во превод значи готовина и поддржани од реални резерви на средства.
Нивната клучна предност е брз и евтин трансфер на пари низ светот.
„Ако тоа се случи, пазарот на криптовалути повторно ќе се запали“, рече Хоскинсон.
„Нов бран на шпекулации доаѓа на крајот на летото“
„Пазарот на крипто најверојатно ќе стагнира во следните три до пет месеци“, предвидува Хоскинсон, „а потоа ќе има голем бран на шпекулативен интерес во август или септември, кој би можел да трае шест до дванаесет месеци“, заклучува Хоскинсон.