Денеска започна поставувањето на фотоволтаични панели во основните училишта „Војдан Чернодрински“ и „Владо Тасевски“ во Општина Карпош.
-Поставувањето на овие он-грид фотоволтаични системи со капацитет од 20 KW, претставува огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на трошоците и зачувување на животната средина. Проектот е реализиран со поддршка од повеќе институции, вклучувајќи ја Владата на РСМ, Министерството за образование, како и Бирото за регионален развој и Скопскиот плански регион, велат од Општината.
Досега, Општина Карпош со сопствени средства постави вакви фотоволтаични системи со капацитет до 40КW во основните училишта „Јан Амос Коменски“, „Лазо Трповски“, „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Вера Циривири Трена“.
Во рамки на годишната Програма на Секторот за екологија и енергетска ефикасност и Акциониот план за ЛЕАП 3, оваа година ќе се постават фотоволтаични системи и во останатите три основни училишта, „Братство“, „Аврам Писевски“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Со тоа сите основни училишта во општината ќе бидат целосно опремени со сопствени фотоволтаици, што ќе ги направи енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.