Граѓанската иницијатива која бара оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров, следниот вторник, на 24-ти февруари, ќе организира протестен марш кој ќе започне во 12 часот пред Фондот за здравствено осигурување, кај Црвен крст, а ќе заврши пред Министерството за здравство околу 14 часот. Иницијативата веќе има над 17.000 допаѓања на социјалната мрежа Фејсбук поради што се очекува масовен протест.

Од министерот Тодоров се бара оставка поради случајот со 9-годишната Тамара која имаше ретка форма на деформитет на рбетот и која почина пред да ја дочека операцијата во странство која и ја ветуваа со месеци. Тамара почина од инфекцијата на белите дробови која, велат лекарите, се должела на сколиозата затоа што бил намален капацитетот на белодробните крила.

По трагичниот крај на девојчето, револтираните граѓани се солидаризираа и јавно побараа од министерот да поднесе оставка. Тодоров го одби тоа во неколку изјави за медиумите и рече дека жали, но дека не чувствува одговорност.
Пред два дена беше организиран мирен протест против здравствените власти во Велес под девизата „Секое наше дете е Тамара“. Со протестот во Скопје, освен оставка од Тодоров, граѓаните ќе побараат и оставка од директорите на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази, оставки од членовите на Управниот одбор на ФЗОМ, од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија.
Освен тоа граѓанската иницијатива бара кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба. Понатаму бараат избор на независни и стручни одговорни лица во Фондот, кои ќе одлучуваат единствено во интерес на граѓаните, без да калкулираат со човечки животи, велат од таму.
„Избор на компетентен министер за здравство, кој ќе ги слуша и решава проблемите на пациентите. Квалитетен, ефикасен и достапен здравствен систем за сите граѓани на Р. Македонија. Еднаков пристап на сите граѓани до потребните здравствени услуги. Бараме правда за Тамара, но и за сите граѓани, поради тоа што имаме право на живот!“, стои во најавата за протестот./+Инфо