Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш се јави со реакција на оставката на министерот за здравство, Венко Филипче. Според нив, таа не е доволна и бараат оставка од премиерот, кој е централниот дел на пирамидата на нефункционирањето на системот.
-Само оставка на Заев ќе гарантира независна и објективна истрага. 15 животи згаснаа во институција за чија безбедност е должна и одговорна државата. Заев да не се крие позади оставката на Филипче. Овој народ виде оставки кои не беа чин на одговорност туку чин на амнестија, како што беше таа на Кирацовски или Рашкоски, стои во партиското соопштение.
Вечерва Филипче се повлече од функцијата, поради како што рече, морални причини поради катастрофалните пожар во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица.
-Сакам да се заблагодарам на сите кои ме поддржуваа во работата. Ја поднесов мојата пишана оставка до премиерот Зоран Заев, рече Филипче.
Покрај него, оставка поднесоа и заменик-министерот Илир Хасани, директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и економскиот директор на болницата, Артан Етеми.