Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во телефонски разговор со неговиот израелски колега Јоав Галант изјави дека цивилите треба да бидат заштитени и да се достави хуманитарна помош пред Израел да започне со воените операции против Хамас во Рафа на југот на Појасот Газа, соопшти Пентагон.
Во соопштението се наведува дека Остин и Галант разговарале и за операцијата на Израел за спасување на двајцата заложници во Рафа и преговорите за договор за ослободување на сите преостанати заложници кои ги држи Хамас.
Галант, наводно, го информирал Остин за офанзивата на Израел врз Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, објави The Times of Israel.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека Израел ќе ја продолжи офанзивата против „баталјоните на Хамас“ во Рафа, откако ќе им дозволи на цивилите да ја напуштат областа.
Рафа е последното прибежиште за повеќе од милион Палестинци, главно раселени поради борбите во други делови на Појасот Газа.