Најавата на обвинителството на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за започнување истрага за можни воени злосторства извршени на палестинските територии предизвика остри реакции во Израел, каде официјални лица го препознаваат реалниот ризик од кривично гонење поради конфликтот во 2014 година, пишуваат светските медиуми.
Одлуката на Обвинителството за МКС оваа недела да започне истрага за можни воени злосторства на палестинските територии во 2014 година, уследи по пресудата на Хашкиот трибунал на 5 февруари дека има надлежност за случајот, потег што го поздравија палестинските власти, а Израел и Вашингтон го осудија, пишува Ројтерс.
Одлуката за истрага ја објави обвинителот Фату Бенсуда во средата (3 март), велејќи дека на тоа претходело „макотрпно прелиминарно испитување кое траело скоро пет години“. Ветувајќи „принципиелен, независен пристап“, обвинителката истакна дека главната грижа на нејзината истрага се жртви на злосторства „и Палестинци и Израелци, кои произлегуваат од долг циклус насилство и несигурност што предизвика длабоко страдање и очај на сите страни“.
Палестинскиот аналитичар и универзитетски професор на окупираниот Западен брег, Џорџ Џакаман, смета дека одлуката на МКС покажала дека стратегијата на палестинското раководство да се повикува на глобални институции има одреден успех и дека „во најдобар случај, Израелците ќе бидат повнимателни во иднина“ со нападите врз палестинските цивили“.
Додека палестинските власти ја поздравуваат одлуката на МКС како долгоочекуван чекор кон правдата за жртвите, израелски официјални лица, посочува Ројтерс, тврдат дека постапките на судот се политички мотивирани и без валидна правна основа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека одлуката е „концентрат на антисемитизам и врв на лицемерие“.
Израелскиот министер за надворешни работи Габи Ашкенази рече дека одлуката е „морално банкротирана и законски погрешна“, додека израелскиот амбасадор во САД, Гилад Ердан вети дека „ќе продолжи да работи заедно со американската администрација против оваа срамна одлука“.
Стејт департментот нагласи дека Соединетите држави се сериозно загрижени за обидот на МКС да извршат надлежност над Израел. Ројтерс забележува дека Вашингтон се спротивставува на истрагата на МКС за палестинските територии, како и на истрагата во Авганистан, која се занимава со улогата на американските сили, истакнувајќи дека гонењето на МКС било цел на санкции од страна на администрацијата на Доналд Трамп.