Осум функционери на ВМРО-ДПМНЕ се заштитени сведоци на СЈО, откри синоќа Петар Богојески, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, во дебатата на Топ Тема на ТВ Телма.
Според Богојески, станува збор за луѓе од највисокото партиско раководство или луѓе од најблиското опкружување на лидерот Никола Груевски.
На прашањето на новинарот дали Груевски или поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков знаат дека нивни блиски соработници се заштитени сведоци на СЈО во истрагите токму против високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Богојески рече дека нема такви информации. Но според него, Груевски и Мијалков треба повеќе да се плашат од потезите на луѓето од своето опкружување отколку од луѓето кои сакаат реформи во партијата.
-Во СЈО ниту еден заштитен сведок не се заведува со име и презиме туку со псевдоним. Никој од реформаторите не е заштитен сведок, и затоа нека бидат релаксирани, никој од нас не е сведок, рече Богојески.
“Нашата иницијатива е да ја заживееме партиската структура за да победиме на изборите. Во последниве години услов за напредок во партијата е кој повеќе ќе искодоши некого”, рече Богојески.
За Богојески дојдено е време за нова реформа во ВМРО-ДПМНЕ.