Свечената церемонија на крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети ќе се одржи во Вестминстерската опатија во Лондон на 6 мај 2023 година.
Палатата соопшти дека ќе ги задржи „основните елементи“ на традиционалната церемонија „препознавајќи го духот на нашето време“.
„Крунисувањето ќе ја одразува денешната улога на монархот и ќе гледа кон иднината, но ќе се потпира на долгогодишната традиција“, се вели во соопштението за печатот на палатата, пренесе „Танјуг“.
Чарлс Трети е 41-от монарх и ќе биде најстариот монарх кој ќе биде крунисан. Неговата мајка, која почина на 96-годишна возраст, е рекордер во Британија за најдолго владеење.
Британските медиуми објавија дека Чарлс сакал поскромна церемонија на крунисување, имајќи ја предвид економската криза со која сега се соочува земјата.