Националната астрономска опсерваторија на Јапонија објави истражување во кое се известува за откривањето на галаксија од раниот универзум која наликува на Млечниот Пат по својата спирална структура и централна ѕвездена лента, но е повеќе од десет пати помасивна, со поинтензивно формирање на ѕвезди.
Галаксијата, означена како „J0107a“, е забележана како што била пред 11,1 милијарди години, кога универзумот бил стар околу една петтина од сегашната возраст, објави Ројтерс.
Научниците користеле податоци од телескопот „АЛМА“ во Чиле и вселенскиот телескоп James Webb на НАСА. Утврдено е дека вкупната маса на галаксијата, вклучувајќи ги ѕвездите и гасот, ја надминува масата на Млечниот Пат за повеќе од десет пати, додека новите ѕвезди се формираат со брзина и до 300 пати поголема од онаа во нашата галаксија.
Сепак, „J0107a“ е покомпактнА од Млечниот Пат. „Тоа е „монструозна“ галаксија со висока стапка на формирање ѕвезди и изобилство гас, многу повеќе од денешните галаксии“, рече Шуо Хуанг, астроном во опсерваторијата и главен автор на студијата објавена во списанието „Природа“.
Коавторот на студијата, Тошики Саито, од Универзитетот Шизуока, изјави дека откритието покренува важно прашање: како можела да се формира толку масивна галаксија во толку ран универзум, пренесува Танјуг.
Иако слична стапка на формирање ѕвезди постои во неколку современи галаксии, речиси сите од нив се резултат на галактички судири, што не е случај со „J0107a“. Во првите милијарди години по Големата експлозија, галаксиите биле турбулентни и богати со гас, што го фаворизирало брзото формирање на ѕвезди. Иако спиралните галаксии се вообичаени денес, пред 11 милијарди години ваквите облици биле ретки.
Структурата во галаксијата „J0107a“ е долга околу 50.000 светлосни години. Две третини од денешните спирални галаксии имаат слична структура, која игра клучна улога во влечењето гас од спиралните краци кон центарот, каде што се формираат молекуларни облаци и нови ѕвезди.
Истражувачите истакнуваат дека телескопот Џејмс Веб интензивно го проучува раното појавување на масивните галаксии, но дека нивната внатрешна динамика е сè уште енигма.