Откриена причината за бунтот на Вагнер

од Stefanija Kuzmanovska

Групата „Вагнер“ беше единствената воена формација која одби да потпише договор со руското министерство за одбрана непосредно пред да започне бунтот минатата недела, според пратеникот Андреј Картаполов, шеф на комитетот за одбрана на Државната дума.

„Сите освен Вагнер се согласија. Освен овој господин кој одби“, рече рускиот заменик, избегнувајќи да го спомене по име Евгениј Пригожин, шефот на таа приватна воена групација.

По одлуката на шефот на „Вагнер“ да не го потпише договорот, му било кажано дека неговата единица нема да учествува во Специјалната воена операција, додаде Картаполов.

„Тоа практично значеше дека нема да има повеќе пари, финансиски и материјални средства. А за господинот Пригожин парите се важен фактор, можеби и одлучувачки“, вели пратеникот, пренесува РТ.

Освен фактот што ќе му бидат прекинати финансиите, бунтот на шефот на „Вагнер“ беше предизвикан и од преголема возбуда, но и од „претерани и глупави амбиции“, оцени Картаполов.

„И сè заедно резултираше со предавство и измама на своите соборци“, заклучи тој.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Русија целосно го финансирала „Вагнер“ и дека од мај 2022 година до мај годинава властите на приватната воена компанија ѝ платиле повеќе од 86 милијарди рубљи, што е околу една милијарда евра.

Вооружениот бунт на „Вагнер“ беше прекинат благодарение на преговорите што во саботата ги водеше белорускиот лидер Александар Лукашенко, во договор со претседателот на Русија Владимир Путин.

На крајот, Пригожин се согласил да замине во Белорусија, додека на некои од борците кои не учествувале во бунтот им било понудено да потпишат договор со министерството за одбрана, а на другите вагнеровци им било ветено дека нема да бидат кривично гонети.

Слични содржини