Поранешниот командант на руските сили во Украина, генерал Сергеј Суровикин, кој не е виден во јавноста речиси две години, бил виден во Алжир, пишуваат руските медиуми.
„Поранешниот командант на Заедничката група руски трупи во Украина, Сергеј Суровикин, беше виден на фотографии од настанот посветен на Денот на победата во главниот град на Алжир, кои ги објави руската амбасада во таа земја“, пишуваат руските медиуми, а пренесува украински „УНН“.
Се напоменува дека генералот не е споменат по име во пораката од амбасадата, туку е идентификуван како „шеф на групата руски воени експерти во Алжир“. На една од фотографиите е прикажан значително послаб Суровикин како предводи делегација на дипломатска мисија. Фотографијата од едвај препознатливиот Суровикин беше објавена од „Киев пост“.
Во февруари 2025 година, Виктор Соболев, член на Комитетот за одбрана на Државната дума, објави дека Сергеј Суровикин е во Африка и работи како воен советник, но досега нема цврсти докази за тоа.
Суровикин, за кого рускиот печат го измисли прекарот „Генерал Армагедон“ поради неговите агресивни тактики во конфликтот во Сирија, престана да се појавува во јавноста по бунтот на водачот на воената група Вагнер, Евгениј Пригожин, во јуни 2023 година, а последен пат беше виден во јавноста кога оствари видео повик за да го прекине бунтот на таа платеничка група на 23 и 24 јуни.
Руското Министерство за одбрана официјално не ја објави оставката на генералот, но во септември 2023 година, споменувањата за него исчезнаа од веб-страницата на Министерството за одбрана. Претходно, во октомври 2022 година, тој беше назначен за шеф на руските воени операции во Украина, но во јануари 2023 година, таа улога му беше доделена на генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот, а Суровикин беше назначен за негов заменик.
Суровикин наводно имал добри односи со Вагнер и Пригожин, кои го фалеле генералот, а во исто време ги навредувале другите членови на руското воено раководство, особено тогашниот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Герасимов, за нивното водење на војната во Украина.
По неуспешниот бунт на „Вагнерoвци“, Суровикин и некои други високи руски генерали биле испитани за можно соучество, а се шпекулирало дека Суровикин е во домашен притвор. Државната новинска агенција РИА во август 2023 година објави дека Суровикин е разрешен од позицијата командант на воздухопловните сили и дека привремено е заменет од неговиот поранешен заменик, Виктор Афзалов.