Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, за време на својата официјална посета на Киев, изјави дека Анкара е подготвена да биде домаќин на самит на лидерите на САД, Русија и Украина, со цел да се помогне во приближување кон крајот на војната.
Фидан изјави дека Турција верува оти директен состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, под медијација на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, би можел да биде следниот чекор по новата рунда разговори меѓу Русија и Украина, закажани за 2 јуни во Истанбул.
„Искрено веруваме дека е можно првите и вторите директни разговори во Истанбул да завршат со состанок меѓу г-дин Трамп, г-дин Путин и г-дин Зеленски, под водство на г-дин Ердоган. Напредок е секако можен ако останеме на преговарачката маса“, рече Фидан.
На 2 јуни, во Истанбул ќе се одржи нова рунда мировни разговори меѓу руската и украинската делегација. Според најавите, Москва ќе поднесе меморандум со предлог за иден мировен договор, кој ќе ги опфати сите аспекти за надминување на причините за конфликтот.
Составот на руската делегација ќе остане ист како и на претходните разговори: помошникот на претседателот Владимир Медински, заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на руското воено разузнавање Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Турција веќе играше значајна улога во обидите за посредување во конфликтот и останува еден од ретките меѓународни актери кој одржува директни контакти и со Москва и со Киев.