На ден 11.05.2023 година на ул. Беласица во Скопје, поточно под мост “Беласица“ предизвикан е пожар на “просторија за компензација на тополовод” во истиот мост, на левиот брег на реката Вардар, кој се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ – снабдување со топлина, при што предизвикани се и топлински оштетувања на наведениот топловод како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот, објави попладнево техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според него, со наведеното дејствие извршено е кривично дело “Тешки дела против општата сигурност” по чл. 292 од КЗ, а во врска со кривично дело “Предизвикување општа опасност” по чл. 288 од КЗ за што од страна на Единица за насилен криминал при СВР Скопје преземени се опсежни оперативни мерки за откривање на сторителот на истото.
-По изготвувањето на анализи во Одделот за форензички испитувања на подигнатите траги од лице место (отпушоци од цигари и запалка) од страна на полициски службеници извршен е разговор со повеќе лица при што е утврден сторителот на горенаведеното кривично дело, лицето И.Х.(37) од Скопје и против истиот на 10.05.2024 година до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава. Пријавениот И.Х. од 12.09.2023 година се наоѓа на издржување казна затвор во КПУ “Скопје” поради сторено кривично дело “Тешка кражба” по чл. 236 од КЗ, информира министерот.
Мостот долго време беше затворен за сообраќај, што предизвика огромни сообраќајни гужви во центарот на Скопје. АД ЕСМ тогаш ги извади изгорените цевки од топловодот, требаше до почетокот на грејната сезона да постави нови за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија. Но, грејната сезона заврши, а цевките не се поставени.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, тогаш истакна дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот за да може со сигурност да се каже дека може целосно да се пушти за сообраќај.
„Беласица“ речиси една година по пожарот, на 3-ти мај конечно беше целосно отворен за сообраќај. Беа извршени неколку безбедносни тестови, по што следуваше одлука за целосно отворање.
Откако беше утврдено дека нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста односно од 02.09.2023 година, мостот беше отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти.