Отровно растение кое потекнува од Америка и најчесто го има во Тексас, било забележано и во Неготино. Станува збор за Solanum elaeagnifolium, познато и како сребренолисна ноќница, кое доста бргу се ширело, а било отровно за добитокот и за луѓето.
Конзумирано во помали количини можело да предизвика дијареа и невролошки проблеми, а пак поголема количина можела да предизвика и смрт. Исто така, било погубно и за земјоделските култури и значајно влијаело врз намалување на приносот.
За растението кое било забележано во Неготино, во близина на регионалниот пат во индустриската зона, алармира здружението ,,Ековита”. Од таму појаснуваат дека се работи за растение со цветови кои цветаат од април до август, високо од десет сантиметри до еден метар, а стеблата му биле покриени со мали боцки.
Ова е прв случај сребренолисната ноќница да биде забележана во Тиквешијата, и освен во Неготино, отровното растение било регистрирано и кон влезот во Кавадарци. Во Европа од неодамна било регистрирано во Италија и Грција.
Околу тоа како дошло во Македонија, претпоставка е дека е пренесено преку калниците на камионите кои превезувале роба од Грција и кои минувале по патот во индустриската зона во Неготино.
– Граѓаните кои ќе го забележат растението, би било пожелно да го фотографираат и да ги испратат фотографиите и детали за локацијата на страницата на здружението „Ековита”, со цел навремено да се реагира , алармираат од ова еколошко здружение.