181
Во технолошко-развојната зона Алинци кај Прилеп пуштен е во употреба погонот на германската „Инџекшн Молдинг Прилеп“ (ИМП), компанија ќерка на Акомпласт. Инвестицијата вредна 1,2 милиона евра, најпрво ќе ангажира 17 работници, а како што најавија управителите, во почетокот на идната година ќе биде пуштен во употреба уште еден погон. Согласно деловниот план, вложувањата за период од четири години би изнесувале до три милиона евра и би се креиларе до 150 нови работни места.

Специјалност на ИМП е пластично моделирање делови за автомобилската индустрија.
– Ни беше потребна многу сила за да се состават сите парчиња и во текот на работата стекнавме нови добри искуства. Тука се произведуваат делови од пластика и метал наменети за автомобилската индустрија. Се планира и отворање уште една хала „Инџекшн Молдинг Прилеп“, рече Инес Андре, еден од управителите на компанијата.
Вториот управител на компанијата Франк Михаелис изрази благодарност до претходната, но и до новата Влада за поддршката.
– Има доволно простор за нашите возбудливи идеи и ова е уште една пресвртница на нашата компанија во поновата историја на Македонија. Парите се инвестирани, вработените се обучени и направени се првите нарачки, истакна Михаелис.
Според Патрик Мартинс, претставник на Германската стопанска комора, Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија и бројот на германските инвеститори тука значително се зголеми последните години.
– Македонија е една од ретките земји со трговски суфицит со Германија, односот е 2 : 1. Минатата година обемот на трговија меѓу Македонија и Германија изнесуваше 2,8 милијарди евра, стока во вредност од 2,1 милијарда евра била извезена од Македонија во Германија, а стока во вредност од 750 милиони била извезена од Германија во Македонија. Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 15.000 лица, напомена Мартинс.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев потенцира дека Владата и натаму ќе биде посветена на привлекувањето странски инвеститори, дека ги поддржува и дека ќе биде нивен најдобар партнер.
– Ќе имате искрен партнер во Владата. Во програмата што ја номиниравме деновиве за поддршка на македонската економија, сите инвеститори ги викаме македонски и ќе ги поддржиме, без разлика од каде доаѓаат. Владата ќе биде посветена на успехот на сите полиња што се дел од технолошко-развојната зона кај Алинци да се исполнат со хали, тие хали да бидат економскиот раст на Република Македонија, подвлече Анѓушев.
Информира дека имал средби со стопанствениците од технолошко-развојните зони и дека разговарал со нив за проблемите.
– Нема конекција со вода од градот, не е завршена канализациската мрежа. Тие проблеми во најскоро време ќе ги решиме за непречено да работите, порача Анѓушев.
Заменик-амабасадорот на Германија во Македонија Марко Акватичи истакна дека Македонија е многу привлечна дестинација за германските инвеститори, додека прилепскиот градоначалник Марјан Ристески ја нагласи поддршката од локалната самоуправа.
– Со отворањето на новата фабрика, Прилеп и Македонија стекнуваат уште еден светски бренд кој ќе донесе отворање нови работни места. Оваа компанија ќе соработува и со локалните фирми и индирекно ќе влијаа на ангажирањето повеќе работници, а ќе има и голема соработка во профилирањето нови кадри, рече Ристески.
Во зоната Алинци веќе работи компанијата Гентерм, со 1.300 работници, а се гради и погон на фирмата „Вик“.