Отворена истрага: Кој ги шпионираше новинарите со хакерски софтвер?

од Nikola Popovski
341 прегледи

Обвинителството во Париз денес отвори истрага за шпионирање на француски новинари со помош на специјализиран хакерски софтвер „Пегаз“ на профил од Мароко, што земјата го негираше.

Истрагата е отворена поради повеќе кривични дела, вклучително и нарушување на приватноста, следење на преписка и неовластен пристап до компјутерскиот систем, како и злосторничко здружување.

Жалбата е поднесена од медиумската група Медијапарт затоа што двајца нејзини новинари биле цел на шпионажа. Слична жалба поднесе и весникот „Le Canard enchaine“.

Истрагата опфаќа и други прекршувања, како што се внесување и обелоденување на податоци.

Неколку медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Гардијан“ и „Вашингтон пост“, во неделата открија дека мароканската тајна служба ги шпионирала основачот на Медијапарт, Евди Пленел и новинарката, Ленег Бредо.

„Le Canard enchaine“ изјави дека Доминик Симоноте, поранешен новинар на тој сатиричен весник, бил цел на шпионажа.

Според истрагата на конзорциум од 17 светски медиуми, софтверот „Пегаз“, развиен од израелската компанија НСО (NSO Group), овозможил шпионирање на телефонските броеви на 180 новинари, 600 политичари, 85 активисти за човекови права и 65 шефови на компании од различни земји.

Шпионскиот софтвер „Пегаз“ во смарт телефон, како што објавија некои медиуми, овозможува да преземате пораки, фотографии и контакти, како и да слушате телефонски разговори.

Слични содржини