Во Германија утрово беа отворени избирачки места, каде што граѓаните го избираат 20-тиот состав на Бундестагот, а во федералните покраини Берлин и Мекленбург-Западна Померанија (Мек-Пом), исто така, се избираат парламенти на покраините.
Околу 60,4 милиони Германци имаат право да гласаат на изборите, што е речиси милион гласачи помалку од пред четири години на претходните парламентарни избори во 2017 година, пренесуваат агенциите.
Околу 2,8 милиони луѓе за првпат гласаат на изборите во Бундестагот.
Германија е поделена на 299 изборни единици, повеќето од нив во најнаселената федерална држава Северна Рајна-Вестфалија (64), а најмалку во федералната држава-град Бремен (2).
Оваа година, поради услови на пандемија, се очекува рекорден број гласачи да гласаат од далечина.
Како што е наведено, нивниот број постојано се зголемува во последниве години. На изборите во 2017 година, 28,6 проценти од гласачите гласаа на тој начин, а се предвидува дека речиси 40 проценти ќе гласаат на овие избори по пошта.
Дваесеттото свикување на Бундестагот може да биде најголемото досега.
Првите проценки врз основа на излезните анкети ќе бидат објавени веднаш по затворањето на гласачките места во 18 часот, а резултатите врз основа на преброените гласови ќе пристигнат во текот на вечерта.
Првите нецелосни официјални резултати се очекуваат околу полноќ.
За разлика од претходните, оваа година три партии се борат за функцијата шеф на владата, и можно е ниту една од нив да не може да формира мнозинство во Бундестагот со само еден коалициски партнер.
Тоа се Христијанско -демократската унија (ЦДУ), Социјалдемократската партија и Партијата на Зелените.