Игор Јанев, правен експерт од македонско потекло, инаку член на неколку престижни меѓународни здруженија за меѓународно право и меѓународни односи, преку отворено писмо до јавноста, се огласи со подршка на Фронтот на демократска Македонија (ФРОДЕМ).
– Подготвен сум и лично да придонесам како член на ова организација во остварувањето на нејзините цели, во ситуација на неразбирање и непознавање на меѓународната состојба во врска со интересите на Република Македонија, а со надеж дека само нови политички сили со поголемо чувство за национални интереси ќе можаат да делуваат во правец на заштита и одбрана на правниот идентитет (името), меѓународно-правната личност и државноста на Македонија – вели Јанев во писмото.
Тој вели дека е ова кризен момент за Република Македонија, кога основните вредности се распаѓаат и кога секој Македонец треба да искаже висока свест и чувство за национален интерес и да направи обид конструктивно да придонесе во оваа критична состојба.
Јанев му забележува на премиерот Никола Груевски што не ја искористил исклучително важната шанса во Генералното собрание на ООН на 2 октомври 2015 да ги повика државите – членки на Генералното собрание на ООН да ја признаат Македонија, било билатерално или колективно под уставното име Република Македонија.
– Уставното име на една држава е правен идентитет на ваков субјект во меѓународните односи. Државите немаат ексклузивни права на имиња во меѓународното право и меѓународните односи. Со други зборови, во говорот на премиерот Груевски требаше да се искаже став дека ние повеќе од две децении имаме нелегална референца (Поранешна Југословенска Република Македонија) и потоа да се повикаат сите држави-членки на ООН да одлучат Македонија да го продолжи своето членство во ООН под уставното име – пишува Јанев.
Во писмото, Јанев потсетува дека нелегалната референца е придружена со нелегалните преговори за сопственото уставно име со друга држава – Грција.
