Украинската разузнавачка служба (СБУ) објави дека неодамна била уапсена жена, која собирала разузнавачки податоци во Украина за да се обиде да го дознае планот на движење на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неговата посета на јужниот регион Николаев.
Претставниците на разузнавањето сега објавија и матна слика на жена приведена во кујна од маскирани полицајци, како и некои телефонски пораки и рачно напишани белешки за воени активности.
Зеленски објави за Телеграм дека шефот на СБУ го информирал за „борбата против предавниците“.
СБУ соопшти дека Украина однапред била запознаена со заговорот и дека вовела дополнителни безбедносни мерки за време на посетата на Зеленски. Се наведува дека осомничената ѝ помагала на Русија да подготви „масовен воздушен напад врз областа Николаев“.
Таа, наводно, барала информации за локацијата на системите за електронско војување и складирање муниција.
СБУ соопшти дека нејзините службеници постојано ја следеле осомничената за да добијат повеќе информации за нејзините руски ракувачи и нејзините задачи. Полицајците потоа ја фатиле жената додека се обидувала да им пренесе разузнавачки информации на руските тајни служби, соопшти СБУ.
Што се знае за мистериозната жена
Соопштено е дека жената живеела во малиот јужен град Очакив во Николаевската област и претходно работела во продавница во воена база. Таа, наводно, ги фотографирала локациите и се обидела да добие информации од лични контакти во областа.
Жената сега се соочува со обвиненија за неовластено ширење информации за оружје и движење на војниците. Доколку биде прогласена за виновна, може да се соочи со затворска казна до 12 години.
Официјална Русија не објави ништо во оваа прилика, но украинските разузнавачи претходно споменаа дека биле направени неколку обиди за атентат на Володимир Зеленски.