Ова се европските земји кои се најподготвени за иднина без готовина

од Vladimir Zorba
10 прегледи

Анализата на норвешкиот информативен и финансиски портал Finansplassen, кој користеше јавно достапни податоци од повеќе институции, покажа дека нордиските земји се најподготвени за иднина без готовина во споредба со остатокот од Европа.

Меѓу другото, во анализата се користени податоци за бројот на банкомати и бројот на терминали за плаќање со картички на 100.000 луѓе, лимитот што може да се потроши при плаќање со картичка и бројот на оние кои користат интернет банкарство.

Како што изјави портпаролот на Finansplassen, помалиот број на банкомати значи дека државата помалку се потпира на готовина, додека поголемиот број терминали за плаќање со картички укажува на развиена инфраструктура за електронски трансфер на пари.

Оваа анализа покажа дека Норвешка е најподготвена за иднина без готовина. Имено, оваа земја е меѓу оние со најмал број банкомати, а дури 96 отсто од населението користи интернет банкарство.

Во однос на подготвеноста за безготовинска иднина, Финска и Данска го заземаат второто и третото место бидејќи имаат нешто повеќе банкомати од Норвешка и нешто помалку терминали за плаќање со картички, но во овие земји речиси ист процент од населението користи интернет банкарство.

Холандија, Шведска, Исланд, Естонија, Литванија, Кипар и Швајцарија се меѓу десетте најподготвени земји, додека Ерменија, Грузија и Германија се меѓу најмалку подготвените земји.

Зошто нордиските земји?

Оле Петерсон од Finansplassen изјави за „Еуроњуз“ дека населението на нордиските земји особено ги цени безготовинските системи, бидејќи тие им помагаат да ги надминат предизвиците како што се ретката популација или суровите временски услови кои ги отежнуваат конвенционалните плаќања во готовина.

Петерсон истакна дека овие земји имаат предност благодарение на довербата на граѓаните во јавните институции и малата популација, што го олеснува тестирањето на новите политики.

Весникот „Индипендент“ објави дека најголемата норвешка банка, DNB повикала да се прекине користењето на готовина во 2016 година поради загриженоста за перење пари. Истовремено, голем број Норвежани почнаа да ја користат мобилната апликација Vipps MobilePay, односно мобилен паричник, која е достапна од 2015 година и моментално има 11,5 милиони корисници во Норвешка, Финска и Данска.

Сепак, норвешкиот парламент неодамна презеде чекори за да го поттикне враќањето на готовината, со усвојување закон што го олеснува плаќањето во готовина.

„Во дигитален свет, лесно е да се заборави дека постои голема група на луѓе кои не се дигитализирани. Кешот е важен аспект на подготвеноста на општеството“, нагласи норвешката министерка за правда и кризни состојби, Емили Енгер Мел.

Норвешката управа за цивилна заштита (DSB) препорачува да се заштеди одредена сума на готовина поради ранливоста на системите за електронско плаќање.

„Светот околу нас, соочен со војни, сајбер закани и климатски промени, станува се поголем предизвик. Мора да бидеме подготвени за долгорочни прекини на струја, дефекти на системот и сајбер напади кои можат да ги загрозат системите за електронско плаќање“, предупреди министерот Мел.

Според податоците на Данската национална банка, готовинските плаќања во Данска сочинувале само осум отсто од сите трансакции минатата година. Данците почесто користат мобилни плаќања, бидејќи секогаш го имаат телефонот при рака и лесно можат да ја најдат сумата што треба да ја платат.

„Иако употребата на готовина се намалува, на општеството сè уште му е потребна“, нагласи гувернерот на данската национална банка, Кристијан Кетел Томсен.

Што поттикна безготовинско плаќање?

Во извештајот на Светска банка се наведува дека пандемијата на коронавирус го забрза преминувањето кон безготовинско плаќање низ целиот свет. Просечниот број на безготовински трансакции по лице беше 91 во 2017 година, додека во 2020 година достигна 135.

Податоците на Европската централна банка (ЕЦБ) покажуваат дека во 2019 година 72 отсто од трансакциите во Европа биле во готовина, додека во 2022 година тој процент паднал на 59 отсто. Од ЕЦБ посочуваат дека немало ниту еден клучен фактор што придонел за овие промени, но пандемијата значително влијаела на забрзување на промената на начините на плаќање.

Мнозинството европски потрошувачи претпочитаат плаќање со картички или други облици на безготовинско плаќање поради погодност, но 60 отсто од граѓаните и понатаму сакаат да ја задржат можноста за плаќање во готово, пишува „Euronews“.

Слични содржини