Овации за „Blonde“: Ана де Армас во солзи, Бред Пит пресреќен

од Vladimir Zorba
387 прегледи

„Руссокоса“ („Blonde“) на Ендрју Доминик беше премиерно прикажан со 14-минутни овации на Филмскиот фестивал во Венеција. Лицето на Ана де Армас, која ја игра Мерлин Монро, беше потопено од солзи.

Пред светската премиера на филмот, Бред Пит, кој е меѓу продуцентите на филмот, Де Армас, режисерот Ендрју Доминик, Адриен Броди и Џулијан Николсон предизвикаа бура на црвениот тепих, главно поради тоа што Пит се поздравуваше носејќи црна маска за ковид. Пит изненадувачки се појави во Венеција откако не присуствуваше на прес-конференцијата за филмот претходно истиот ден.

Присутна беше и Диди Гарднер, која е и меѓу продуцентите на „Blonde“.

Биографската драма, работена според истоимениот роман на Џојс Керол Оутс, е еден од најочекуваните наслови на фестивалот поради изборот на Де Армас за улогата на холивудската икона.

Нејзиниот колега Броди, исто така, пушти неколку солзи. Пит беше видно задоволен.

„Blonde“ го обработува животот на Монро, од нејзиното турбулентно детство како Норма Џин, преку нејзиниот подем до светска слава. Во споредните улоги се Боби Канавале, Броди, Николсон, Ксавиер Семјуел и Еван Вилијамс. Филмот дебитираше во главната конкуренција на филмскиот фестивал во Венеција.

Пред светската премиера, „Blonde“ доби критики од гледачите на социјалните мрежи за кастингот на Де Армас. Гледачите се пожалија на нејзиниот акцент во трејлерот, велејќи дека таа го задржала кубанскиот акцент и не го канализирала вокалот на Монро.

Во интервју за „LA Times“, 34-годишната актерка рече: „Ги анализирав изразите на лицето, устата, усните, начинот на кој ги покажуваше долните заби. Гласот на една личност е повеќе од специфичен акцент. Тоа кажува многу за една личност“.

Покрај тоа, Ана де Армас рече дека верува дека гласовното глумење на Монро е израз на нејзините емотивни потреби и тага и додаде дека секој ден поминувала по 12 часа на сетот на филмот, по што работела со професорка за акцент уште три часа.

Netflix ќе го објави „Blonde“ на стриминг платформата на 28 септември.

Слични содржини