Пабло Ескобар не може да биде бренд во ЕУ

од Vladimir Zorba

Врховниот суд на Европската унија одлучи дека името на починатиот колумбиски нарко бос, Пабло Ескобар не може да биде регистрирано во ЕУ како заштитен знак.

Одлуката е донесена откако компанијата Escobar Inc, основана од неговиот брат во Порторико (САД) поднесе барање во 2021 година до Европската канцеларија за интелектуална сопственост (EUIPO) да го регистрира името на Пабло Ескобар како заштитен знак за стоки и услуги во ЕУ.

EUIPO го одби барањето бидејќи сметаше дека ознаката е спротивна на „прифатените морални принципи“. Во средата, Општиот суд ја потврди таа одлука, наведувајќи дека трговската марка ќе биде поврзана „со трговијата со дрога и наркотероризмот и со злосторствата и страдањата што произлегуваат од нив“. Судската одлука може да се обжали.

Судот наведе дека EUIPO правилно заклучил дека името на Пабло Ескобар ќе биде поврзано со трговија со дрога и наркотероризам, како и со страдањата што произлегуваат од тоа, а не со неговите можни добри дела во корист на сиромашните во Колумбија.

Исто така, во одлуката беше наведено дека не е повредено основното право на презумпција на невиност на Пабло Ескобар, иако тој никогаш не бил кривично осуден, тој во Шпанија и во светот се гледа како симбол на организираниот криминал одговорен за многу злосторства. Ескобар беше убиен од полицијата во 1993 година во Меделин кога имал 44 години.

Покрај другите тешки злосторства, Ескобар беше осомничен и за соборувањето на патничкиот авион на Авианка во 1989 година. Авионот експлодирал при лет, при што загинале сите 107 луѓе во авионот. Политичкиот противник на Ескобар кој требаше да биде во авионот го пропушти летот и преживеа. Во таа прилика беа убиени двајца американски државјани, по што САД директно интервенираа во прогонот на Ескобар.

Слични содржини