Пад на џез сцената, светот остана без музички гениј – замина големиот Матија Дедиќ

од Марта Пешевска
43 прегледи

Музичката сцена во регионот тагува поради веста за смртта на еден од најзначајните хрватски џез музичари – Матија Дедиќ. Синот на легендарниот Арсен Дедиќ и пејачката Габи Новак почина вчера, а точната причина за неговата смрт сè уште не е официјално соопштена. Иако околностите остануваат непознати, хрватските медиуми пренесуваат дека Дедиќ подолго време се борел со зависност од алкохол.

Тој и самиот отворено зборуваше за оваа борба, нагласувајќи дека уште во 2007 година побарал стручна помош за да се справи со зависноста. Во едно од своите интервјуа, искрено раскажа: „Кога ќе ви кажат дека ако сакате да дочекате 50 години, мора веднаш да престанете, тогаш иако е тешко – престанувате. Не можете да го трошите телото како да е од челик“.

И покрај успешното лекување, зависноста му се врати по една година, по што повторно беше хоспитализиран во загрепската болница „Сестри милосрдници“. Подоцна, изјави дека не сака повеќе да зборува за тие тешки моменти, истакнувајќи дека ги оставил зад себе.

Матија Дедиќ беше една од најзначајните фигури на хрватската џез сцена. Роден во музичко семејство, тој уште од млади години го следеше патот на своите родители. Во 1997 година дипломираше џез на Академијата за уметности во Грац, Австрија, под менторство на реномираниот професор Харалд Нојвирт.

Својата кариера ја започна со „Бојлерс квартет“, а подоцна го формираше и сопствениот состав – „Матија Дедиќ Трио“. Со текот на годините соработуваше со големи имиња од светската и хрватската музичка сцена, меѓу кои Бошко Петровиќ, Тамара Обровац, Бастер Вилијамс, Џеф Балард, Лени Вајт и многу други. Освен во џезот, остави белег и преку соработки со бројни хрватски музичари од различни жанрови, што го направи еден од најпочитуваните уметници во земјата.

Матија Дедиќ засекогаш ќе остане запаметен како виртуоз, но и како човек што храбро се соочуваше со личните демони. Неговата музика продолжува да живее.