Според Downdetector, веб-страница што ја следи состојбата на онлајн услугите, илјадници луѓе се пожалија дека четботот на ChatGPT, не бил во функција. Мобилната апликација работи нормално за некои корисници, но веб-верзијата прекинала и не генерира одговори од четботот. Компанијата сè уште не коментирала за новиот прекин на услугата.
Потсетуваме, во јуни имаше голем глобален прекин на ChatGPT. Проблемот на крајот беше решен, но тоа беше повод за шеги за прекумерната употреба на ChatGPT во работата, приватниот живот, па дури и во училиштата и универзитетите. Но, со сите шеги, се поставува прашањето дали премногу се потпираме на алатките за вештачка интелигенција и како тоа влијае врз нас.
Истражувањето, објавено во Harvard Business Review и спроведено на повеќе од 3.500 луѓе, покажа дека работниците кои користат вештачка интелигенција за извршување задачи, како што се пишување објави на социјалните мрежи или службени писма, работат побрзо и со подобар квалитет. Но, кога потоа ќе продолжат со задачи без помош на технологијата, тие чувствуваат недостаток на мотивација и зголемување на чувството на досада.
Во просек, нивната внатрешна мотивација опаѓа за 11 проценти, а досадата се зголемува за дури 20 проценти. Оние кои работеле без помош на вештачка интелигенција не доживеале такви психолошки осцилации.