Судот во пакистанскиот град Лахоре го разгледува барањето владата на Велика Британија да му го врати на Пакистан легендарниот дијамант Кох-и-Нур, кој го присвоила во текот на нејзиното колонијално владеење со Индискиот потконтинент.

Дијамантот од 105,6 карати, чие враќање го бараат повеќе земји, ја украсува круната којашто во 1953 година кралицата мајка Елизабета ја носела на крунисувањето на сегашната кралица Елизабета Втора.
Британската династија го наменила за жените, бидејќи дијамантот го следи суеверието дека им носи несреќа на мажите поради неговата крвава историја. Имено преоѓал во различна сопственост преку битки и грабежи, но и интриги и мачења.
Пронајден е во индиските рудници Голконда, во кој покрај Koh-i-Noor, се најдени и прочуените дијаманти Dresden green и Blue Hope, како и Дијамантот на надвојводата Јосиф.
Дијамантот Кох-и-Нур бил во сопственост на могулските принцови, персиските воини, авганистанските кралеви махараџите на Пенџаб. Во 1849 година младиот принц Сика Дулип Синг го дал на претставниците на кралицата Викторија, врз основа на договор за освојувањето на Пенџаб.
Денес дијамантот е изложени во дворецот Тауер оф Лондон, во ризницата на британската монархија, заедно со другите драги камења на круната.
Барањето дијамантот да му биде вратен на Пакистан го покренал 76-годишниот англо-пакистански адвокат Икбал Џефри, тврдејќи дека ѝ припаѓа на покраината Пенџаб и дека бил земен насила. Но премиерот Дејвид Камерон порача дека дијамантот нема да ја напушти Велика Британија.