Палевски Палчо однесен во суд: Не признава вина

од Илинка Илиоска
520 прегледи

Љупчо Палевски Палчо е однесен пред судија. По екстрадицијата од Турција тој за првпат е пред судија во рамки на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

При спроводот во Кривичен суд тој пред новинарите кажа дека не ги сторил убиствата.  Тој не одговори какви докази поседува за својата одбрана, но рече дека нема да се брани со молчење.

Палчо е во притвор во Шутка веќе шест дена, откако беше вратен од Турција.

Според неофицијални извори, обвинението против Палевски ќе биде одложено, додека за другите уапсени, кои се сметаат за соучесници во киднапирањето и убиствата, се очекува обвинението да биде поднесено наскоро, најдоцна до 2 јуни. Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, кои веќе признале вина ја одведоа полицијата до местата каде што биле закопани убиените.

Законот предвидува дека осомничените можат да бидат задржани во притвор до 180 дена пред да биде поднесено обвинение. По поднесувањето на обвинението, тие можат да останат во притвор уште две години.

Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, исто така е меѓу осомничените и се истражува дали имал улога во киднапирањето на неговата ќерка. Врховниот суд неодамна одлучи за него да се одреди домашен притвор.

Вања, која имаше 14 години, и Панче, на возраст од 74 години, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември минатата година. Нивните тела беа откриени на 3 декември во близина на Скопје и Велес. Палчо беше уапсен во Баликесир, Турција, на 5 декември, откако беше издадена меѓународна потерница.

Слични содржини