Заменик државниот секретар на САД за Европа, Метју Палмер изјави дека поранешниот албански премиер Сали Бериша ги злоупотребил својата моќ и јавната доверба со цел да се збогати и да овозможи стекнување богатство од членовите на неговото семејство, политичките сојузници и поддржувачи.
Палмер за Гласот на Америка изјави дека јавната декларација за вмешаност во корупција е еден од методите што ги користат САД во борбата против корупцијата и дека моментот кога е донесена одлуката не е од особено значење, пренесува „Еуроњуз Албанија“.
„Јас не би му придавал никакво значење на моментот, но она што е важно е сериозноста со која САД се борат против јавната корупција. Ова е потврда за нашата посветеност да го искористиме секој инструмент што ни е на располагање, вклучително и санкции доколку е потребно, со цел зајакнување на војната против јавната корупција и обезбедување одговорност за оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба“, рече Палмер.