Пандов: На Јакимовски не му чуе ниту за бугарскиот договор, ниту за францускиот предлог

од Nikola Popovski
286 прегледи

Препукувања на релација ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ после протестите против францускиот предлог. Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски дека „се обидува да го ситни отпорот и не му чуе за бугарскиот договор и францускиот предлог“.

-Главен проблем му е што не добил јавно претпријатие во градот Скопје и одреден број места по управните одбори низ градот. Тоа е причината што Стевче не дојде на сенародниот протест на 18.06, каде ќе го слушнеше претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како професорски им ја демонтира заверата на предавниците кон македонскиот народ и воедно ги предупреди на отпорот кој следи!, напиша Пандов.

Тој додава го обвини Јакомовски и дека „се појавил само на еден или два протести против францускиот предлог“.

-Оттука да обвиниваш некого кој 20 дена поминал по улици протестирајќи, а ти само два, најблаго кажано е неморално и нечесно. Премногу е ниско и мизерно било кој, та бил тоа и Стевче Јакимовски, оваа борба да ја сведе на лечење фрустрации и суети за едно директорско место или неколку членови по управни одбори!, објави Пандов на социјалните мрежи.

Во текот на вчерашниот ден Јакимовски директно го впери прстот во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „намалување на набојот кај народот во врска со протестите против францускиот предлог“.

-Овој пат како никогаш досега имаше тензии, народот беше спремен, но Мицкоски го задуши набојот кај народот што го имаше. Јас сум сигурен дека власта ако видеше толку народ, ќе се повлечеа, но очигледно дека ова е дадено ветување пред меѓународната јавност. Беше ли Мицкоски во Брисел крајот на април, почетокот на мај – тогаш е договорена целата работа, рече Јакимовски.

Градоначалникот додаде дека негов предлог „беше да направиме еден голем протест којшто ќе има најмалку 60-70 000 луѓе, најмалку 700-800 автобуси да донесевме и замислете ја глетката вие од фонтаната во парк до Стоковна куќа – Мост…“

Слични содржини