Новиот национален парк Шар Планина треба да работи според својот План за управување во којшто јасно е пропишано дека нови туристички објекти и викендици нема да биде дозволено да се градат во зоната за строга заштита и зоната за активно управување во заштитеното подрачје, вели за „Локално“, Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво, откако зборува за десетиците нелегално изградени објекти на подрачјето на Шар Планина чии сопственици сакаат да ги легализираат, бидејќи се изградени на државно земјиште.
– Новиот национален парк Шар Планина“ има големи предизвици за да се зачува природата, секако еден притисок врз природата е големиот број на градби. Паркот треба да работи според својот План за управување во којшто јасно е пропишано дека нови туристички објекти и викендици нема да биде дозволено да се градат во зоната за строга заштита и зоната за активно управување во заштитеното подрачје. Новите објекти во горенаведените зони на паркот би ја нарушиле пејсажната вредност но би имале и негативен ефект врз животната средина. Доколку некој планира да гради нови објекти би требало да добие позитивно мислење од страна на Јавната Установа НП „Шар Планина“ и секако дозвола за градба од општините како и одобрение од Министерство за животна средина и просторно планирање. Што би се правело со веќе постоечките објекти и дали тие ќе се легализираат треба да ви одговорат во Општините, изјави Пандурска Драмиќанин за „Локално“.
Според неа, Шар Планина има потенцијал да биде туристичка атракција особено што е дел од прекуграничниот планински масив Шара-Кораб-Коритник и поради фактот што оваа планина е поврзана со уште три заштитени подрачја а тоа е НП „Маврово“, НП „Шари“ од Косово и Паркот на природа Кораб-Коритник од Албанија.

Фросина Пандурска Драмиќанин
– Потенцијалот за прекугранични планинарски тури, збогатување на локална туристичка понуда со локална храна и сместување во рурални средини како и едукативни и рекреативни активности во паркот треба да се приоритет во идниот развој на подрачјето. Со други зборови треба многу да се работи во насока на зачувување на биодиверзитетот и сите акции да се со цел негово одржување и управување а не развој на масовен туризам и било какви развојни проекти што негативно би влијаеле врз природните ресурси, нагласува Пандурска Драмиќанин.
Според проценките на здружението на граѓани каде членуваат сопственици на викендици се дека од над 700 објекти во викенд-населбата, околу една третина или околу 250 се во процес на легализација односно досега постоеле како дивоградба.
Од друга страна од општина Тетово информира дека во моментов се водат 125 предмети за легализација на објекти на Попова Шапка. Од нив за 60 треба да се излезе на терен и да се утврди фактичката состојба, а на другите 65 им недостасува документација која треба да ја достават.
Д.Ј.