Најновото ажурирање за Windows 11 (верзија 24H2, patch KB5063878) им донесе непријатно изненадување на корисниците ширум светот – бројни извештаи велат дека ажурирањето може да доведе до дефект на SSD и губење на податоци.
Според корисниците на форумите и Reddit, проблемот се јавува при големи трансфери на датотеки, особено кога системот запишува десетици гигабајти податоци. Во такви ситуации, дискот едноставно исчезнува од оперативниот систем. Кај некои, уредот се појавува повторно по рестартирање, додека други тврдат дека нивниот SSD трајно „откажал“.
Најранливи се моделите со Phison контролери, особено оние без DRAM кеш, а меѓу засегнатите дискови се Corsair MP600, Kioxia Exceria Plus G4, SanDisk Extreme Pro и неколку други популарни модели. Дури имало и случаи каде што слични симптоми се јавуваат кај класичните HDD дискови.
Иако сè уште нема официјален одговор од Microsoft, се претпоставува дека проблемот е предизвикан од дефект во кеш меморијата и начинот на кој системот се справува со интензивното запишување на податоци.
Некои експерти веруваат дека постои и софтверска грешка во самите SSD контролери, што значи дека решението може да бара и нов фирмвер од производителот.
Што можат да направат корисниците?
* Избегнувајте копирање големи датотеки или инсталирање масивни игри додека проблемот не се реши;
*Редовно правете резервна копија на вашите податоци;
*Проверете дали производителот на вашиот SSD нуди ново ажурирање на фирмверот.
Дотогаш – ако веќе сте го инсталирале гореспоменатиот „patch“, експертите ве советуваат да бидете внимателни и да не ги ризикувате вашите вредни податоци.