Папата Франциск оцени дека расизмот стои зад тоа што многу земји им изразуваат поголемо добредојде на бегалците од воена Украина, отколку на оние од другите делови на светот.
Говорејќи за италијанската телевизија „РАИ“, Папата рече дека во војните секогаш најмногу страдале најслабите.
„Бегалците се поделени. Прва класа, втора класа, по боја на кожа, без разлика дали доаѓаат од развиена или неразвиена земја. Ние сме расисти. И тоа е лошо“, рече папата Франциск.
– Во овој момент во Европа, оваа војна не погодува тешко. Но, да погледнеме малку подалеку. Светот е во војна, светот е во војна! Сирија, Јемен, потоа протераните Рохинџи, без татковина. Војна насекаде – додаде тој.
Зборувајќи за постоењето на „Каинскиот воен план“, папата Франциск изјави дека ги разбира лидерите кои купуваат оружје, дека не го оправдува, туку дека го разбира, бидејќи „треба да се браниме“.