Папата Франциск го осуди насилството врз жените и оцени дека мажите кои вршат такво насилство се занимаваат со нешто што е „речиси сатанско“.
За време на разговорите со три жени и еден маж за италијанската мрежа TG5, Папата рече дека бројот на жени кои биле тепани и малтретирани во нивните домови е „многу голем“.
„Проблемот е што, за мене, тоа е речиси сатанско затоа што експлоатира личност која не може да се одбрани, која може само да се обиде да запре удар. Тоа е понижувачко. Многу понижувачко“, рече папата одговарајќи на прашање од жена жртва на семејно насилство.
Папата рече дека жените кои биле тепани и малтретирани не го изгубиле своето достоинство.
„Гледам достоинство во тебе затоа што ако немаше достоинство, немаше да бидеш тука“, рече папата, обраќајќи и се на жената која била жртва на семејно насилство.
За време на разговорот, Папата слушал и бездомничка како зборува за животот на улица и човек кој се обидува да застане на нозе по 25 години затвор, пренесе Ројтерс.
Од почетокот на пандемијата пред речиси две години, папата Франциск неколкупати се изјасни против семејното насилство, кое се зголеми во многу земји откако беа воведени рестриктивните мерки за заклучување.