Папата Франциск повика во неделата да се прекине војната меѓу исламистичкото движење Хамас и Израел и да се дозволи повеќе хуманитарна помош да стигне до Појасот Газа.
– Војната е секогаш пораз, тоа е уништување на човечкото братство. Браќа, запрете, запрете!, повика тој на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
– Го повторувам мојот повик премините да бидат отворени, хуманитарната помош да продолжи да пристигнува и заложниците да бидат ослободени, додаде Папата.
Борците на Хамас се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа на 7 октомври, ширејќи терор во напад без преседан од создавањето на Израел во 1948 година.
Над 1.400 луѓе се убиени во Израел, повеќето од нив цивили застрелани, живи запалени или осакатени на денот на нападот, според израелските власти.
Министерството за здравство во Појасот Газа во неделата објави дека над 4.700 Палестинци се убиени, а речиси 16.000 се ранети во израелските напади од 7 октомври.