Папата Франциск е подготвен да отпатува во Донбас по неговата посета на Русија, најверојатно во пролетта 2023 година, изјави претседателот на Светската унија на староверници, Леонид Севастијанов, пренесе денеска ТАСС.
„Папата Франциск е подготвен да го посети Доњецк на пат за Москва или на враќање, за да ги види местата каде што се случуваат трагични настани веќе осум години, вклучително и Алејата на ангелите, да одржи комеморација таму и да се моли за сите деца загинати во конфликтот“, рече Севастијанов.
Тој, исто така, е подготвен да се сретне со цивили и деца кои ги загубиле своите родители, бидејќи тоа може да помогне да се изгради дијалог меѓу Русија и Украина, како и Западот воопшто.
Севастијанов објасни дека папата се надева дека ќе може да отпатува за Русија во пролетта 2023 година, но дека е подготвен да дојде порано доколку биде поканет од руските власти.
Неопходно е да се разбере, нагласи тој, дека тоа нема да биде религиозна посета, туку патување на папата како шеф на државата, Ватикан, што вклучува средби со претседателот и секуларните претставници на Русија.
„По Донбас, папата може да замине во Украина со цел да ја пренесе позицијата на Русија до Киев и да им помогне на страните да најдат заеднички јазик, бидејќи тој се гледа себеси како неутрален посредник“, изјави Севастијанов за ТАСС.
Рускиот патријарх Кирил претходно го откажа патувањето на меѓуверскиот состанок во Казахстан, кој се одржува во септември, каде што требаше да се сретне со поглаварот на Римокатоличката црква.