Папата Франциск се најде на удар на критики поради неговиот пацифизам. Повод беше неговото интервју во кое рече дека Украина треба да има храброст да подигне „бело знаме“ и да се согласи да го прекине конфликтот со Русија. Папата истакна дека има многу земји кои се подготвени да дејствуваат како посредник меѓу завојуваните страни, вклучително и Турција. Украинското МНР го повика амбасадорот на Ватикан по изјавите на папата за „белото знаме“ барајќи да се воздржи од изјави кои поттикнуваат непочитување на меѓународното право, и наместо тоа, да испрати сигнали до светската заедница да ги здружи силите за да обезбеди победа на доброто над злото. Неговите зборови предизвикаа огорченост кај некои европски политичари и коментатори. Тие беа огорчени што папата „молчи“ за Русија и „ја префрли одговорноста за постигнување мир“ на Украина.
Го најави ли папата крајот на војната?
Лично сметам дека има потреба од воспоставување прекин на војната во Украина, вели новинарот и познавач на воените состојби Мирче Адамчевски во разговор за „Локално“. Според него, веројатно папата знае повеќе од нас и смета дека сега е време да се преземе конкретна мерка и да се почнат преговори.
За крај на војна тешко може да се зборува, но има потреба од итно ставање на војната во мирување. Киев не ја губи безрезервната поддршка, меѓутоа нивната реакција зборува и пошироко. Украинците забораваат дека во Втората светска војна, стотици Украинци кои се бореа на страната на фашистите, успеаа да пребегнат во САД и Канада. Тоа во моментов не им одговара да го спомнуваат, туку ја спомнуваат само соработката на тогашниот папа со луѓе кои што биле на страната на Германија. Треба пошироко да се гледа целата работа. Револтирани се дека бидејќи знаат дека папата е влијателна личност и не е политичар, туку се однесува како човек кој што е задолжен за моралот и кој што смета дека подобро е да се заштитат илјадници човечки животи отколку да се води војна и тоа да се направи сега. Епилогот го остава на преговорите и политичарите, тој нема да преговара, посочува Адамчевски.
Соговорникот е дециден дека преговори за мир не значат пораз за Украина.
-Многумина на Западот велат ќе ја поддржат Украина да победи, но не кажуваат што е победа за Украина – дали е победа протерување на Русите од границите, дали победа е прекин на војната во моментов на моменталната линија на фронтот…Релативно е дали ќе биде победа или пораз. Никој не ги кажува црвените линии. Макрон вели ќе внесе војска доколку Русија го нападне Киев и Одеса – дали се тоа црвените линии на НАТО, прашува Адамчевски.
Потенцира дека многумина веруваат дека евентуално доаѓање на Трамп на чело на САД ќе ја прекина војната и ќе донесе мир, но, како што вели новинарот, екс-претседателот е таков политичар кој што доаѓа од бизнис-интересот на САД во случајов.
-Можеби ќе ја сопре војната, но во Америка претседателот е фигура, а околу него има разни агенции (дип-стејт) кои што ја водат државата и носат одлуки, со кои што го насочуваат претседателот. Не очекувам веднаш Трамп да го направи тоа што сега го најавува. Не верувам во тоа до крај. Политичарите се расипана роба, така што денес велат едно, а после еден месец друго да кажат, оценува Адамчевски.
Во истовреме, Украина изврши нови напади со дронови врз руска фабрика за гориво во провинцијата Ориол. Позициите на бојното поле се стабилизираат и покрај ограничената помош од нејзините сојузници-тврди Зеленски. Додаде дека според военото разузнавање, руските воени планови не ја вклучуваат само Украина, туку се и против други нации.
-Началникот на одбранбеното разузнавање на Украина даде посебен извештај кој поткрена неколку прашања. Пред се, воените планови на Русија, не само против нашата земја, туку и против другите народи. Заедничката задача на светот сега треба да ја спречи оваа болна фантазија на Путин дека тој наводно има време да ја продолжи војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Н.П.