Парче торта од венчавката на Чарлс и Дијана продадено за 2.200 евра (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska
437 прегледи

Џери Лејтон, поддржувач на британската монархија од Лидс, купи парче свадбена торта, односно глазура со подлога за марципан за неговата колекција на сувенири. Тој плати речиси 2.200 евра за парче торта од свадбената прослава на принцот Чарлс и Дијана Спенсер.

Повеќе од 40 години по венчавката на двојката, на аукцијата беа понудени големо парче глазура и подлога за марципан со слика на кралскиот грб во златна, црвена, сина и сребрена боја.

Таа беше дадена на Мојра Смит, член на персоналот на кралицата мајка, која го чувала парчето тотра во проѕирна фолија на која напиша 29 јули 1981 година.

По големиот број понуди од целиот свет, парчето му беше продадено на Џери Лејтон за сума која неколку пати ја надмина проценетата цена од 300 до 500 фунти (354 до 590 евра).

Џери Лејтон од Лидс, кој се декларира како монархист, рече дека ќе го додаде парчето торта во својата колекција.

„Го додадов во колекцијата, која ќе оди во добротворни цели по мојата смрт. Мислев дека можам да ја понудам тортата како награда за томбола, каде што дел од парите ќе бидат наменети за организацијата „Центарпоинт“, чија покровителка беше принцезата Дијана, рече Лејтон.

Експертот за колекционерски предмети, кој има врски со кралското семејство, Крис Албури, рече дека бил зачуден од бројот на луѓе заинтересирани да купат парче торта. Повеќето барања дојдоа од Велика Британија, САД и Блискиот Исток.

Принцот Чарлс и Лејди Дијана Спенсер се венчаа во катедралата Свети Павле на 29 јули 1981 година.

Неколку продавници испорачаа повеќе од 20 свадбени торти по поводот.

Чарлс и Дијана се разделија 11 години подоцна, а се разведоа во 1996 година. Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година.

Слични содржини