Паредес се враќа на „Олимпико“?

од Vladimir Zorba
252 прегледи

Рома може да се обиде да му го украде Леандро Паредес од под носот на Јувентус, тврди „Тутомеркато“. Аргентинецот е многу посакуван од „бјанконерите“, кои ги договорија повеќето детали од договорот со Пари Сен Жермен. Сепак, трансферот се уште не е финализиран, бидејќи од Торино не можат да направат простор за овој играч во својот тим.

Првично се шпекулираше дека Паредес ќе биде замена за Адриен Рабио, кој беше пред трансфер во Манчестер Јунајтед. Сепак, договорот со „црвените ѓаволи“ пропадна. После тоа Јуве се надеваше дека ќе успее да го продаде Артур Мело, но во моментов нема интерес за Бразилецот. Така клубот е ставен во ќорсокак и не може да ја финализира зделката за 28-годишниот Аргентинец.

Во меѓувреме, Рома будно ја следи ситуацијата и е подготвена да достави понуда за играчот од средниот ред на ПСЖ. Згора на тоа, клубот остана без новото засилување Жоржињо Вајналдум, кој се повреди на тренинг и ќе отсуствува неколку месеци.

Доколку дојде до трансфер на Паредес во Рома, тоа ќе биде своевидно враќање на играчот на Олимпико. Тој играше две сезони за „волците“, прво на позајмица во 2014-15, а потоа на постојан трансфер во 2016-17. Аргентинецот има 52 натпревари и 7 гола за Рома.