Камионџиите и патниците заглавени во британското пристаниште Довер со денови започнаа да преминуваат во Франција денес, бидејќи Париз одлучи делумно да ги отвори своите граници со Велика Британија, затворени поради загриженост за новиот вид коронавирус што се појави во Англија.
Во текот на денот, камионите полека се движеа кон траектите и возовите што ги поврзуваат Велика Британија и Франција, додека властите проверуваа дали возачите имале негативен тест за коронавирус, неопходен за преминување на границата.
Сепак, околу 5.000 камионџии сè уште се заглавени чекајќи да го поминат Ла Манш, бидејќи резултатите од тестовите за коронавирусот пристигнуваат споро.
Најмалку 1.200 камиони поминаа низ подводниот железнички тунел што ги поврзува Велика Британија и Франција денес.
Британските власти изјавија дека само три од 2.367 испитаници во Довер биле позитивни на коронавирус до денеска попладне.
Официјални лица предупредија дека застојот може да трае со денови, па затоа многу камионџии Божиќ ќе го поминат во возилата.