Париз е на пат да се претвори во технолошката престолнина на Европа

од Vladimir Zorba
51 прегледи

Париз веќе е еден чекор поблиску до тоа да ги оствари своите амбиции да стане технолошката престолнина на Европа, откако францускиот претседател Емануел Макрон го отвори најголемиот објект за развивање на дејноста на нови компании “Station F”, кој се наоѓа на брегот на реката Сена. Центарот, кој се протега на 34 000 квадратни метри, всушност е реновирано железничко депо, чија поправка е спонзорирана од милијардерот Ксавиер Ниел, кој направи револуција на францускиот интернет и мобилен пазар.

Се очекува стаклената зграда на “Station F” да стане дом на близу 1000 стартап-компании и да се претвори во “забележливо место кое создава силен лик на Париз”, посочи Ниел.

“Station F” е лоциран во 13-тата област – простран и модерен кварт со бројни продавници и кина, кој исто така е и дом на националната библиотека. Просторот е создаден со идејата да наликува на американски колежански кампус, а киријата за место во него е 195 евра. Центарот е поделен на три дела – зона за креативност, за споделување и за одмор.

Тоа е и најголемата ваква зграда од вкупно околу 40 во француската престолнина, која напорно се натпреварува со Лондон и Берлин за титулата технолошки лидер на Европа. Етаблирани компании како “Фејсбук”, “Амазон” и “Мајкрософт” веќе се согласиле да се приклучат на “Station F” како ментори на почетниците во бизнисот. На местото соработка може да воспостават и некои од најпрестижните француски универзитети, како и со фондови за ризичен капитал. Во моментов Велика Британија е земјата која успева да привлече најмногу талентирани странци на својата територија, но Франција се надева дека тоа ќе се промени по Брекзит.