Париз го посетиле 11,2 милиони туристи за време на Олимписките игри

од Vladimir Zorba
19 прегледи

Париската туристичка организација денеска објави дека за време на периодот на Олимписките игри (ОИ) помеѓу 23 јули и 11 август, 11,2 милиони посетители учествувале во активности поврзани со Олимпијадата во регионот на француската престолнина.

Бројот на посетители на Париз е непроменет во однос на истиот период минатата година и нешто помал од очекуваните 11,3 милиони.

Според извештаите, 85 отсто од посетителите биле Французи, а 15 отсто гости од странство, пред се Американци, Германци и Британци, пренесува Фигаро.

Хотелиерите се презадоволни, бидејќи пополнетоста на хотелите во Париз по многу лошиот почеток на јули достигна 84 отсто, што е десет отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Пополнетоста на хотелите од висока класа е зголемена за дури 16,5 отсто на годишно ниво на 85,5 отсто.

Зголемување на бројот на ноќевања е забележано и во другите градови каде се одржуваа Олимписките игри, како Лил или Марсеј, а вкупната проценета добивка на француските хотелиери е 357 милиони евра.

Спротивно на тоа, бројот на посети на париските ресторани, музеи и туристички атракции, како што е Дизниленд, е намален во споредба со истиот период минатата година, бидејќи посетителите на Олимписките игри имаат малку различни преференции во споредба со стандардните туристи кои го посетуваат Париз.

Параолимписките игри во Париз, кои ќе се одржат од 28 август до 8 септември, се очекува да донесат уште четири милиони посетители, од кои 90 отсто ќе бидат Французи, се додава во извештајот.

Слични содржини