Парламентарни избори во Словенија

од Vladimir Zorba
294 прегледи

Во Словенија денеска во 7.00 часот беа отворени избирачките места каде Словенците ќе избираат нов парламент, а со тоа и нова коалициска влада, која, според анкетите, најверојатно ќе ја формира актуелниот премиер Јанез Јанша или 55-годишниот менаџер Роберт Голоб.

Партијата „Движење на слободата“, основана пред неколку месеци од електроинженерот Голоб, има мала предност од 26,3 отсто во освојувањето на релативно мнозинство места во однос на Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер, која може да смета на 25,5 отсто од гласовите, пренесе Хина.

Право на глас имаат речиси 1,7 милиони гласачи, кои ќе изберат 90 пратеници во новото Народно собрание (парламент) од над 1.400 кандидати од околу 20 листи на политички партии и организации.

Во трката за третата најсилна партија рамноправни се Левица (8,8 отсто) и Социјалдемократите (8,6 отсто).

Демохристијанската Нова Словенија (7,8 отсто) сигурно ќе го премине изборниот праг од четири отсто, а центристичката партија Да ја поврземе Словенија (ПОС) и партиите на Аленка Братушек (САБ) и Маријан Шарец (ЛМС) се на работ.

Одѕивот на гласачите се очекува да биде поголем на овие избори во споредба со пред четири години, кога гласале помалку од 53 отсто од запишаните избирачи.

Првите официјални резултати се очекуваат во вечерните часови.

Аналитичарите сметаат дека за стабилна идна влада во коалицијата треба да има најмалку три или четири партии со околу 55 пратенички места во новиот парламент.

Слични содржини