Претседателот на СДСМ- Зоран Заев со честитка по повод 11-ти Октомври
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во свое име, на сите граѓани на Република Македонија го честита 11 Октомври, Денот на народното востание:
Почитувани граѓани,
Овој голем државен празник, 11 Октомври, е темелник на вековни определби на граѓаните во Македонија за слобода, мир, за свој идентитет, своја држава, достоен пример дека со заедништво, целите се остварливи.
Пред 74 години, на денешниот датум, знајни и незнајни борци, со визија за слободна, независна и просперитетна Македонија, во Прилеп и Куманово, ја почнаа Народно-ослободителната борба.
По 74 години, на 11 Октомври 2015 година, денешните генерации со визија за слободна, демократска, економски стабилна земја, членка во евро-атлантското семејство, се пред испитите на исконскиот стремеж. Оваа визија денес е континуитет на надежта и вербата на паднатите борци дека некои други борци по нив ќе го продолжат патот кон безгрижна иднина за Македонија и за поколенијата што доаѓаат.
Ние денес, имаме обврска, имаме и шанса да одговориме на оставениот аманет.
Ве повикувам да се обединиме околу оваа цел.
Нека ни е среќен 11 Октомври почитувани граѓани!
Честитка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по повод 11 Октомври
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник 11 Октомври – Денот на народното ослободително востание.
– Ова е денот кога го празнуваме револуционерното дели и кога ги славиме и се поклонуваме на храброста и пожртвуваноста на македонските синови кои пред 74 години обединети се кренаа и ја започнаа битката за конечно ослободување и создавање на нашата татковина. Тоа беше продолжение на вековната битка на генерации храбри Македонци кои ги положуваа своите животи за слободна Македонија, се наведува во честитката.
Во неа се додава дека ова е денот кога нивниот сон, стана јаве и ние денес го живееме. – Затоа, ова е денот кога го славиме нивното дело и саможртва и се присетуваме на македонскиот непокор кој и во најтешките мигови од нашата историја не не напуштил, посочуваат од пратеничката група во честитката.
Честитка од ЛДП по повод 11 Октомври
Либерално-демократската партија упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание во која им го честита празникот на граѓаните на Република Македонија.
– Почитта кон борците и жртвите од НОБ е почит и за денешна Македонија. Вреднувањето на секој дел од нашата историја е вреднување на нас самите, се наведува во честитката.
Додаваат дека аманетот кој ни го оставија наштите предци и до ден денес се уште гори во секој од нас. – Ние, истакнуваат, ќе продолжиме да чекориме по нивниот пат и ќе го продолжиме нивното дело, но само ако сплотени, единствени и заеднички се бориме за нашата татковина, за нејзиниот напредок и просперитет, ќе успееме во намерата кон остварување на целите на сите оние кои ги жртвуваа своите животи за нашата слобода во слободна и независна Македонија.
ДОМ го честита 11 Октомври
Демократската обнова за Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија во која им го честита 11 Октомври.
– Овој ден нѐ потсетува колку генерации наши предци се бореле за да имаме своја држава и во неа да се чувствуваме свои на своето. Да е честит празникот, да бидеме достојни на нашите предци и да не заборавиме дека вреди борбата за социјална правда и слобода на Македонија!, се вели во честитката.
